Припадниците од сквадронот на транспортни хеликоптери (СТХ) и водот за специјални намени (ВСН) од составот на воздухопловната бригада (вбр) во период од 19 – 22.06.2018 година реализираа обука во летни услови на брегот на Охридското Езеро (Езерица). Обуката се реализира согласно годишниот план за обука и пребазирање на единицата.
Основната цел на обуката е оспособување на припадниците од составот на СТХ и ВСН за мисии во летни услови од доменот на пребарување и спасување (SAR- search and rescue), борбено пребарување и спасување (CSAR combat search and rescue). Дел од темите кои беа обработени во текот на обуката беа спасување на давеник, правилно користење на опрема потребна за извршување на мисиите, извлекување од чамец, исфрлање на чамец од хеликоптер, спуштање на спасител и вовлекување по сигурносно јаже, работа и постапки на посадата на хеликоптерот и војниците над водени површини, правилно користење на ЛПГ-150 дигалка над водени површини, организација на живот во камп за обука на вода и други.
Планираните активности беа успешно и безбедно реализирани. Ваквиот тип на обука, за голем дел од персоналот, претставува редовна активност. Метео условите, кои беа карактеристика на изминатиот период, направија обуката да се реализира во услови приближни на евентуалната реална ситуација.