Во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп, со пригодна воена свеченост, припадниците на Aртилерискиот баталјон (артб) од составот на Првата пешадиска бригада (1.пбр) го одбележаа 10 Aприл – Денот на единицата.
На одбележувањето присуствуваа: командантот на 1.пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, началниците на секции од командата и штабот на 1.пбр, команданти на единиците од составот на бригадата, поранешни команданти, градоначалници на општините во регионот и други гости. Свеченоста беше збогатена со изведба на химната од Октет Прилеп.
Пред присутните со пригоден говор се обрати командантот на артб, потполковник Сашко Палески, кој се осврна на историјатот на единицата, реализираните активности и постигнатите резултати во изминатиот период, како и на задачите што претстојат.
Командантот на 1. пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, упати честитки по повод Денот на единицата, посакувајќи здравје и успех на припадниците и нивните семејства. Во своето обраќање тој нагласи дека се одбележуваат 34 години од формирањето на првата артилериска единица по осамостојувањето на државата, нагласувајќи ја значајната улога и огнената моќ на Артилерискиот баталјон во рамки на Армијата.
Тој истакна дека единицата успешно ги стави во оперативна употреба хаубиците „Боран“, реализираше значајни обуки и гаѓања и ги финализира подготовките на хаубичката батерија, чија борбена готовност ќе биде оценета во наредниот период, како дел од Лесната пешадиска баталјонска група. Воедно, упати порака за континуирана посветеност, професионалност и верност кон мисијата за одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата.
По повод денот на единицата беа доделени стимулативни мерки на припадниците на баталјонот, додека вториот огнен вод од првата артилериска батерија беше прогласен за најдобар вод и го доби преодниот пехар и знаменцето на единицата.
Во пресрет на Денот на единицата беше реализирана и крводарителска акција, при што беа дарувани 42 единици крв, како и презентација на вооружувањето и опремата со кои располага баталјонот.
ГЃ/ДЧ








