Во касарната „Јане Сандански“ во Штип, се одржа свеченост по повод чествувањето на патрониот празник на касарната која го носи името на големиот македонски револуционер Јане Сандански.
Свеченоста започна со полагање на свежо цвеќе од повеќе делегации на споменикот на големиот македонски револуционер кој се наоѓа во касарната
„Јане Сандански“ во Штип.
На Тактичко технички збор пред присутните се презентираа повеќе видови на лично вооружување и опрема, а со своите настапи свеченоста ја збогатија учениците од ОУ „Тошо Арсов“, ОУ „Гоце Делчев“, СМУ „Сергеј Михајлов“ и градскиот хор „Штип“.
Во рамки на свеченоста се презентираше изложба на ознаки за униформи од единиците на АРМ и други воени и полициски обележја од страна на колекционерот Трајче Трајков од Струмица.
Претходно, припадниците на вториот механизиран пешадиски баталјон и прв логистички баталјон по овој повод даруваа вкупно 69 единици крв и собраа хуманитарна помош во облека и играчки кои беа предадени на здружението „Градиме иднина“ и ќе бидат донирани на деца без родители како и на деца со посебни потреби.
На свеченоста присуствуваа началникот на штаб во Здружената Оперативна Команда, бригаден генерал Азим Нуредин, заменик на командантот на прва механизирана пешадиска бригада, полковник Марјан Симоновски, градоначалници од зоната на одговорноста, како и претставници и директори на јавни и приватни претпријатија и други цивилни лица со кои баталјонот има остварено цивилно-воена соработка.