Денес во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп, со воена свеченост припадниците на артилерискиот баталјон (артб) го одбележаа 10. Април-Денот на единицата.
На свеченоста присуствуваа командантот на Здружената оперативна команда, генерал мајор Зоран Милески, командантот на 1. Механизирана пешадиска бригада, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, команданти на единиците на АРМ, поранешни команданти, претставници од Сојузот на борците, градоначалниците на општините во регионот, претставници од јавниот и бизнис секторот во регионот и локалните медиуми.
Пред присутните со пригоден говор се обрати командантот на артб, потполковник Ивица Цветковски, кој се осврна на историјатот на единицата, реализираните активности, постигнатите резултати на единицата во изминатиот период и задачите на баталјонот во наредниот период и командантот на 1.мпбр, кој им го честиташе празникот на припадниците на артилерискиот баталјон.
По повод Денот на единицата, беа наградени и пофалени одреден број на офицери подофицери и професионални војници, кои во 2017 година се истакнале во работата и обуката, а со тоа дале и свој придонес во јакнењето на борбената готовност на баталјонот а командниот вод од командната батерија на потпоручникот Сара Мишева беше прогласен за најдобар вод за 2017 година, за што го доби преодниот пехар и знаменцето за најдобра единица.
Во рамките на одбележувањето на „10-ти Април-Денот на единицата“, припадниците на артилерискиот баталјон реализираа бројни активности меѓу кои спортски натпревари во мал фудбал, кошарка и одбојка во кои учествуваа и екипи од градот Прилеп, беше организирана крводарителска акција во која беа собрани 57 крвни единици, а за учениците од основните општински училишта од Прилеп и Кавадарци и децата од градинката „Наша иднина“ од Прилеп, беше организирана изложба на дел од вооружувањето и опремата од баталјонот.