Во касарната „Јане Сандански“ во Штип со пригоден собир се одбележа денот кога пред 30 години беше превземен овој воен објект, а воедно беше преземен и системот за врски преку кој за прв пат преку се пренесуваа наредби на македонски јазик.
По повод јубилејот во касарната се реализира посета на пензионирани старешини од родот врски, кои во тој период од тогашната 11 пешадиска бригада го преземале системот за врски во касарната.
Покрај старешините во посета на касарната беа поканети и присуствуваа пензионирани лица од Македоски Телеком, подружница Штип, кои дадоа несебична помош во поврзување на комуникациските системи и во поправка и одржување на истите, со што беше овозможено брзо ставање во функција на врските во касарната.
Командантот на касарната, потполковник Стојанче Костов, во поздравен говор се заблагодари на присутните и ја потенцираше важноста на овој историски момент, важноста на врските во функционирањето на единиците како и развојот и унапредувањето на комуникациските системи во Армијата изминативе години.
За напредокот и развојот на комуникациските системи во единицата и Армијата присутните можеа да се запознаат преку брифинг, а беше организиран и тактичко-технички збор на средствата и системите за врски со кои располага вториот пешадиски баталјон.