На ден 30.03.2017 година во времето од 10.00-12.00 часот, во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец беше одбележан 31.Март – Денот на возачите. Одбележувањето го отвори командантот на бригадата, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, а за денот на возачите, ангажирањето и изминатите километри на војниците возачи припадници на 1.мпбр во 2016 година и нивниот придонес, со малиот број сообраќајни инциденти, во безбедноста на сообраќајот на патиштата низ Република Македонија, краток осврт даде Офицерот за Движење и транспорт во 1.мпбр, мајор Сашко Јорданов.
Во рамките на одбележувањето на Денот на возачите, кој беше во организација на 1.механизирана пешадиска бригада, претставниците м-р Росана Јанков од Авто Мото Сојуз на Македонија (АМСМ) и м-р Ристо Манчев од Републичкиот Совет за Безбедност во Сообраќајот на Патиштата (РСБСП), пред околу 90 професионални војници-возачи од повеќе единици на АРМ од гарнизонот Скопје и Петровец, одржаа предавање на тема: „Безбедноста во јавниот сообраќај“.
По предавањето, пред претставниците на АМСМ, РСБСП и војниците возачи на АРМ, на посебно уредена делница, беше изведена методско – надгледна вежба на тема: Движење на армиски моторни возила во екстремни теренски услови.
По завршувањето на вежбата, на најуспешните возачи од единицата во 2016 година им беа доделени одредени признанија и награди.
Импресиите од денешната соработка на 1.мпбр и претставниците од АМСМ и РСБСП, беа споделени на заедничкиот коктел организиран од страна на бригадата.