На ден 06.03.2014 година во Здружената Оперативна Команда (ЗОК) во Куманово по повод 8ми Март – Ден на жената, традиционално беше организиран прием на женскиот персонал во ЗОК од страна на командантот на ЗОК, генерал мајор Методија Величковски и заменик на командантот бригаден генерал Мухамет Рацај.
На старешините и цивилни лица од женскиот пол им беше оддадено признание за целосниот професионализам во извршувањето на задачите при што со симболично доделување роза се искажа и почит кон жените и нивната улога која ја имаат и надвор од воената организација.
Во рамките на одбележувањето на Денот на жената, беше организирана и целодневна прошетка до манастирот Свети Јоаким Осоговски кој се наоѓа на падините на осоговските планини во близина на Крива Паланка, каде беше организиран и заеднички ручек.
Заложбата за еднаква можност на мажите и жените во АРМ е поплочување на патот за унапредување на поголем број офицери и подофицери од женскиот пол во највисоки чинови во АРМ, а ова е одраз на тежнеењето за исполнување на стандардите кои постојат во земјите членки на НАТО.