Во мисиите „ИСАФ“ во Авганистан и „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина на свечен начин се одбележа Денот на Независноста на Република Македонија .
На ден 08.09.2014 година во базата во Главниот Штаб на ИСАФ и на ден 09.09.2014 година во базата Бутмир во Сараево, на свечена церемонија беше одбележан Денот на Независноста на Република Македонија.
Свеченоста по повод Денот на независноста во мисијата АЛТЕА се реализира еден ден подоцна, поради прогласување на ден на жалост за загинатите во рударската несреќа во Босна и Херцеговина.
На церемонијата во мисијата „ИСАФ“ присуствуваа претставници од Главниот Штаб на ИСАФ, предводени од генерал-потполковник Карстен Јакобсон, цивилниот претставник Амбасадор Мориц Јохемс, претставници од Командата за поддршка на базата, предводени од командантот полковник Пол Џонсон, најстарите национални претставници од Хрватска, Бугарија, Албанија и претставници од Шпанија, Полска, Данска и Романија.
На припадниците на македонскиот контингент кои се на служба во мировните мисии, Денот на Независноста на Република Македонија беше честитан од страна на најстарите национални претставници во мисиите, кои во оваа прилика одржаа говор пред присутните за значењето на овој историски ден за Република Македонија.
По тој повод, беа прочитани наредбите за дел од наградените припадници на контингентот, беа пренесени и честитките од страна на НГШ на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески и Командантот на ЗОК, генерал-мајор Методија Величковски.