Денес 15.10.2015 година во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец се одржа воена свеченост по повод одбележувањето на денот на баталјонот за воздушно набљудување и јавување (бВНЈ) од составот на воздухопловната бригада (вбр).
На свеченоста присуствуваа: командантот на вбр полковник Кире Колевски, Началникот на Штаб на вбр полковник Заим Шкријељ, претставници од командата на вбр, локалната самоуправа, пензионирани припадници од бВНЈ и други гости.
Со одлука на Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, 15-ти октомври е одреден за ден на бВНЈ со традиции на денот кога е извршено првото воздушно набљудување во Репубублика Македонија.
На 15 октомври 1943 година во реонот на месноста Црвена Вода на планината Караорман организирано е уредување на импровизиран аеродром на којшто е доставена првата воена помош од 6 британски авиони за македонската војска.
На успешното прифаќање на помошта претходеле повеќе активности како што се уредување на аеродромот, означување на истиот, организирање на визуелно набљудување на воздушниот простор поради навремено активирање на сигналите по појавување на авионите, што претставува една од првите активности од овој вид во Република Македонија.
На воената свеченост со пригоден говор се обрати командантот на бВНЈ, потполковник Александар Крстевски кој пред присутните истакна дека сите претходни генерации на припадници на бВНЈ имаат вложено огромен личен и професионален ангажман во формирањето и развојот на воздушното набљудување во изминатиот период.
На припадниците на баталјонот им порача не само да ги чуваат тие вредности, туку и континуирано да ги усовршуваат и надградуваат и тоа да претставува постојана обврска.
Пред стројот се прочита честитката од Началникот на ГШ на АРМ до припадниците на баталјонот, а се доделија и стимулативни мерки по повод денот на единицата.