Денес, (15.10.2025 година) во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец се одржа воена церемонија по повод 15 октомври – Денот на Баталјонот за воздушно набљудување и јавување (бВНЈ), од составот на воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ).
На свеченоста присуствуваа командантот на 1.пешадиска бригада, бригадниот генерал Дејан Чиплаковски, командантот на вВИНГ, полковникот Драган Павловски, претставници од Министерството за одбрана, Генералштабот на Армијата, Командата за операции, началници на секции од вВИНГ и други гости и претставници од единиците на Армијата.
Во своето обраќање, командантот на бВНЈ, потполковник Ќемал Џафери, изрази искрена благодарност за постигнатите резултати и упати честитки до припадниците на бВНЈ за нивната посветеност, несебичност и висок професионализам. Потполковникот Џафери го истакна значењето на активното учество на единицата во мисијата за воздушно патролирање, нагласувајќи дека таа претставува првата и најзначајна алка во рамките на единствениот и севкупен систем за противвоздушна одбрана. Тој ги потенцираше и клучните императиви за претстојниот период, кои вклучуваат: успешно извршување на мисијата на единицата, одржување на високи стандарди во оперативното работење на Центарот за командување и контрола со воздушниот простор, континуирано усовршување на персоналот преку обуки во современи НАТО центри за набљудување на воздушниот простор, како и зајакнување на лидерството, моралот и единството во рамки на единицата.
Пред присутните се обрати и командантот на вВИНГ, полковник Драган Павловски, кој го нагласи значењето на 15-ти Октомври како историски симбол и предизвик за постојано унапредување на капацитетите на единицата. Тој истакна дека единицата низ годините континуирано ги гради и модернизира своите способности преку развојот на капацитетите за командување и контрола со воздушниот простор и интеграцијата во НАТО системите за воздушна и ракетна одбрана. Истотака, полковникот Драган Павловски подвлече дека со новите воздухоплови и системите за противвоздушна одбрана и функционирањето на Центарот за командување и контрола, ќе овозможат да го прошириме и адаптираме спектарот на нашите мисии и задачи, со цел да бидеме подготвени да го одбраниме територијалниот и воздушниот интегритет на нашата татковина и на нашите сојузници. Тој посочи дека овие достигнувања се резултат на тимска посветеност и дека одржувањето на високата борбена готовност останува клучен приоритет во обезбедувањето на суверенитетот на воздушниот простор на државата.
Во рамките на церемонијата беа прочитани честитки од командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски и од командантот на вВИНГ, упатени до баталјонот по повод денот на единицата. По тој повод, на дел од припадниците им беа врачени стимулативни мерки како признание за нивниот придонес во служба на Армијата.
Со одбележувањето на овој значаен ден уште еднаш се потврди посветеноста на Баталјонот за воздушно набљудување и јавување кон исполнување на највисоките национални и НАТО стандарди, јакнењето на оперативните способности и зачувувањето на безбедноста и суверенитетот на воздушниот простор на државата.








