Во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец се одржа воена свеченост по повод одбележувањето на “15. Октомври – денот на баталјонот за Воздушно Набљудување и Јавување (бВНЈ)“ од составот на воздухопловната бригада (вбр).
На свеченоста присуствуваа: Командантот на вбр, Заменикот на Командантот на вбр, Началникот на Штаб на вбр, претставници од командата на вбр, претставници од ЗОК, претставници од 1.мпбр, поранешни припадници од бВНЈ и други гости.
На воената свеченост со пригоден говор се обрати Командантот на вбр полковник Роберт Малезански кој го истакна значењето на бВНЈ како и залагањето на припадниците од баталјонот во извршувањето на поставените задачи. На присутните се обрати и Заменикот на Командантот на бВНЈ, мајор Оливер Стојаноски кој пред присутните истакна дека сите претходни генерации на бВНЈ имаат вложено огромен личен и професионален ангажман во формирањето и развојот на воздушното набљудување во изминатиот период.
На припадниците на баталјонот им порача не само да ги чуваат тие вредности, туку и континуирано да ги усовршуваат и надградуваат и тоа да претставува постојана обврска.
Пред стројот се прочитаа честитките од Началникот на ГШ на АРМ и Командантот на ЗОК кои беа упатени до припадниците на баталјонот, а се доделија и стимулативни мерки по повод денот на единицата.
Со одлука на Претседателот на Република Македонија и Врховен Командант на вооружените сили, 15. Октомври е одреден за ден на бВНЈ со традиции на денот кога е извршено првото воздушно набљудување во Република Македонија.
На 15. Октомври 1943 година во реонот на месноста Црвена Вода на планината Караорман организирано е уредување на импровизиран аеродром на којшто е доставена првата воена помош со 6 британски авиони за македонската војска.
На успешното прифаќање на помошта претходеле повеќе активности како што се уредување на аеродромот, означување на истиот, организирање на визуелно набљудување на воздушниот простор поради навремено активирање на сигналите по појавување на авионите, што претставува една од првите активности од овој вид во Република Македонија.