Инженерискиот баталјон (инжб) од составот на 1.механизирана пешадиска бригада (1.мпбр), денес во касарната „Илинден“ во Скопје со воена свеченост го прослави 13-ти ноември – Денот на единицата.
Пред присутните со пригоден говор се обратија командантот на 1.мпбр, бригаден генерал Зоран Милески и командантот на инжб, потполковник Васил Митевски кои во своите говори ги истакнаа видливите резултати кои ги остваруваше баталјонот во изминатиот период, особено со ангажирањето на јужната граница и санирање на последиците од поплавите во скопскиот и тетовскиот регион.
Во склоп на воената свеченост се реализираше тактичко-технички збор со презентирање на дел од средствата и опремата со кои располага единицата. Согласно критериумите за избор на најдобра единица, водот за поддршка од командната чета беше прогласен за најдобра единица од состав на баталјонот.
Припадниците на инженерискиот баталјон во изминатата година беа носители на активностите за поставувањето на заштитната ограда на јужната граница, како и уредувањето на прифатните бегалски кампови во Гевгелија и Табановце.
Воочлив беше придонесот на оваа единица во помош на цивилното население и санирањето на последиците и по катастрофалната поплава во скопскиот регион кога беше најпотребно.
Инженерците заедно со останатите припадници на АРМ, го вложија својот максимален потенцијал преку директно ангажирање, но и со постојана координација со домашните субјекти и единицата на КФОР при расчистувањето на големите наноси од поплавата.
Од страна на Врховниот командант на денот на АРМ, оваа единица заедно со баталјонот на воена полиција беше одликувана со Орден за воени заслуги, за исклучителниот придонес во зачувувањето на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија и за поддршка на цивилното население.
На свеченоста присуствуваа: началникот на ГШ на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски, генералите од АРМ, командантите на команди и единици на АРМ, поранешни команданти на инжб, претставници од цивилни фирми со кои соработува баталјонот и други високи гости.
Со одлука на Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, за ден на инжб е одреден 13-ти Ноември, како датум од историско значење на кој единицата е носител на традициите на инженериската бригада на Главниот штаб на Народноослободителната војска и Партизанските одреди на Македонија формирана пред 72 години на 13.11.1944 година.