Денес во касарната „Чојлија“ во гарнизон Петровец со воена свеченост беше одбележан „2.Јуни-Денот на тенковскиот баталјон“. На свеченоста, покрај командантот на 1.механизирана пешадиска бригада (1.мпбр), полковник Драган Ковачки, присуствуваа претставници од Здружената оперативна команда (ЗОК), поранешните команданти на тенковскиот баталјон, командантите на потчинетите единици на 1.мпбр и команданти на единиците во гарнизон Петровец.
Во обраќањата од страна на командантот на 1.мпбр, полковник Драган Ковачки и командантот на баталјонот, потполковник Зоран Стојановски, беа истакнати историскиот пат, работата и достигнувањата на припадниците на тенковскиот баталјон во обуката, секојдневните активности, учеството во меѓународните вежби и идните активности на тенковскиот баталјон. Исто така беа спомнати духот и традицијата на единицата, изградени во изминативе 28 години кои силно се врежани во секој припадник на тенковскиот баталјон, чии корени потекнуваат од 2. јуни 1992 година, денот кога е формиран тенковскиот вод во рамките на тогашната гардиска бригада на Армијата.
За најдобар вод за покажаните резултати во работата во извршување на секојдневните задачи, воено стручната подготвеност и јакнење на воениот колектив беше прогласен првиот вод од првата тенковска чета и на командирот на водот му беше врачен преоден пехар и знаме.
По повод Денот на единицата беа наградени и пофалени припадници од баталјонот кои се истакнале во работата и обуката и дале придонес во јакнењето на борбената готовност на единицата, по што следуваше презентација на вооружувањето и опремата на посада на тенк.
ГЃ/ЧС/БН