На 28-ми март 2020 година се навршуваат 19 години од трагичното загинување на капетан 1 класа Љупчо Мирчовски, тогашен Командант на баталјонот на Воена полиција (бВП).
По тој повод, на ден 27-ми март, пред командата на бВП во касарната „Илинден“ на спомен обележјето подигнато во негова чест, беше положено свежо цвеќе.
Поменот се одржа во склад со препораките на Министерството за здравство, за спречување на ширењето на вирусот COVID-19, без присуство на претставници на единиците сместени во касарната „Илинден“, претставници на единиците при МВР, членовите на потесното семејство на загинатиот командант, роднини и пријатели.
Пред присутните припадници на бВП се обрати командантот на единицата, потполковник Кире Николовски, кој се наврати на ликот и делото на капетан 1 класа Љупчо Мирчовски, притоа истакнувајќи ги неговите позитивни особини како истрајноста и упорноста во работата, како и извршувањето на поставените цели и обврски во градењето на имиџот и афирмацијата на единицата и Армијата.
ЃТ/ЧС