Денеска во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес со пригодна свеченост започна меѓународната вежбата „Maple Arch 24“ (МА24).
Во наредните две недели, до 06.12.2024 година, во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес и на АП „Криволак“, припадници на шест армии ќе учествуваат во реализација на компјутерски асистирана вежба комбинирана со теренска вежба. „Maple Arch 24“ претставува континуитет на меѓународната вежба „Maple Arch“, која оваа година се организира по јубилеен 25-ти пат.
На отворањето на вежбата во своето обраќање претставникот на Вооружените сили (ВС) на Канада, како спонзор на вежбата, мајор Шон Кларк меѓу другото истакна: „Вежбата „Maple Arch“ претставува платформа каде што се сплотува довербата, заемното почитување и професионалноста, со цел зголемување на интероперабилноста помеѓу нашите армии“.
Вежбата за отворена ја прогласи командантот на Командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини, кој во своето обраќање кон учесниците на вежбата, покрај топлото добредојде на припадниците на ВС на Канада, Грузија, Литванија, Полска и Украина се осврна на значењето на ваквите меѓународни вежби со учество на земји од различни делови на светот. Меѓу другото, бригадниот генерал Бесник Емини истакна: „Maple Arch 24“ гради мостови на комуникации и разбирање помеѓу нашите армии и нѐ потсетува дека и покрај нашите разлики сите ние делиме заедничка визија, а тоа е заштита на мирот, зајакнување на стабилноста и зачувување на нашите заеднички вредности“.
ЈМ/ИЦ