На 21 ноември 2025 година, питомците од трета наставна година од Центарот за обука на питомци и офицери, во рамки на предметот „Моделирање и симулации“, реализираа наставна посета на Сквадронот за обука и тренинг при воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ) на Армијата. Оваа посета претставуваше важен дел од соработката помеѓу Центарот за обука и вВИНГ, кој има клучна улога во обуката на идните пилоти на Армијата.
За време на посетата, питомците имаа можност одблиску да се запознаат со капацитетите на вВИНГ, со посебен акцент на современите тренажери и опрема кои се користат во процесот на обука на пилоти. Дополнително, питомците се информираа за тековните процеси и методологии на обука, кои се применуваат за развој на висококвалификуван воздухопловен кадар.
Посетата овозможи директен увид во функционирањето на воздухопловните системи и наставните програми кои се следат во Сквадронот за обука и тренинг, како и за понатамошно продлабочување на соработката помеѓу Центарот за обука на питомци и офицери и вВИНГ. Овие активности претставуваат клучен сегмент од образовниот процес, кој ги поттикнува питомците да ги развијат своите практични и теоретски вештини во реални услови на работа.








