Денес, командантот на борбената група HELBROC, бригадниот генерал Василеиос Пападопоулос, со персонал од штабот, изврши обиколка и увид на процесот на оценување на декларираниот вод за HELBROC, од составот на 1.пешадиски баталјон (1.пб) на 1.пешадиска бригада (1.пбр). Генералот беше пречекан и придружуван од страна на командантот на 1.пбр, бригаден генерал Дејан Чиплаковски и командантот на 1.пб, Зоранче Ристовски.
За време на посетата, генерал Пападопоулос, беше запознаен со формациската структура на водот, обуката, опремата и средствата со кои располага декларираниот вод и нивната подготвеност да одговорат на идните барања на командата на борбената група.
Во рамките на инспекцијата, на полигонот за обука во касарната „Чеде Филиповски-Даме“ во Кичево, персоналот на водот ја покажаа својата подготвеност и професионалност во извршување на обврските и задачите преку реализација на показна вежба „Реакција на контакт“.
На крајот од обиколката, бригадниот генерал Пападопоулос, искажувајќи го своето задоволство од прикажаното се заблагодари на гостопримството и на персоналот од декларираниот вод.
ГЃ/ДЧ