Денес, на 19 ноември 2025 година, ученици од ООУ „Страшо Пинџур“ од Скопје, во придружба на своите наставници, реализираа едукативна посета на единиците на воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ) на Армијата. Оваа посета, која беше организирана како дел од цивилно-воена соработка помеѓу образовните институции и Армијата, им овозможи на учениците да се запознаат со основите на работата на воената авијација.
Посетата беше внимателно прилагодена на возраста на децата и вклучуваше интерактивни презентации за работата на пилотите, техничкиот персонал и останатиот персонал во вВИНГ.
Најатрактивниот дел од посетата беше разгледувањето на воздухопловите, каде што децата имаа прилика да ги видат одблиску и да добијат едноставни, но прецизни објаснувања за нивната функција и употреба.
Оваа активност е дел од континуираните напори на вВИНГ за развој на соработка со образовни институции, како и за промоција на значењето на авијацијата и техничките науки во образованието на младите генерации. Посетата им овозможи на учениците да се запознаат со основните принципи на авијацијата и да го развијат својот интерес за можностите кои овие области ги нудат.
Во знак на благодарност за успешно реализираната едукативна активност, ООУ „Страшо Пинџур“ на вВИНГ му врачи благодарница, изразувајќи признание за нивниот придонес во едукацијата и инспирацијата на младите.








