Во Здружената Оперативна Команда на Армијата на Република Македонија се реализира посета од страна на новиот Шеф на канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, Република Македонија, Капетан на морнарица Горазд Бартол од Република Словенија.
За време на посетата, Шефот на канцеларијата за врски на НАТО во Скопје оствари работна средба со Командантот на Здружената Оперативна Команда генерал-мајорот Васко Ѓурчиновски, при што беше запознаен со мисијата, структурата, капацитетите и можностите на Здружената Оперативна Команда.
Во текот на разговорите, беа истакнати придонесот на Здружената Оперативна Команда и Армијата на Република Македонија во операциите за поддршка на мирот под водство на НАТО, ЕУ и ООН и ангажирањето на единиците на Армијата на Република Македонија во поддршка на силите на Министерството за внатрешни работи за заштита на територијалниот интегритет на Република Македонија при спречувањето на нелегалните влегувања на мигрантите на таканаречената „Балканска“ рута за миграција.
На крајот од посетата, двете страни истакнаа дека се подготвени да продолжат со продлабочување на соработката, во остварувањето на аспирациите на Република Македонија за полноправно членство во НАТО и ЕУ.