Вкупно 23 новопроизведени потпоручници кои се распоредени на должности во потчинетите единици на Командата за операции (КО) денеска во касарната „Боро Менков“ во Куманово официјално беа примени од страна на командантот на КО, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски.
Генералот Ѓоргоски на новите офицери им посака добредојде и им честита за почетокот на нивната активна воена служба, порачувајќи им да работат професионално, одговорно и посветено.
„Командувајте со знаење и интегритет. Изградете исклучително професионален однос со подофицерскиот кор и искористете го нивното големо искуство и учете од нив. Ќе научите да ракувате со средства, оружја и системи, но најтешко е да се раководи со луѓе, затоа континуирано учете“, им порача генералот Ѓоргоски на потпоручниците.
На приемот присуствуваа и дел од началниците на секции во КО, а потпоручниците преку презентација беа запознати со структурата, мисијата и задачите на КО.
На потпоручниците, од страна на началникот на секцијата Ј-1/КО им беа соопштени наредбите за поставување.
По приемот во Командата за операции, потпоручниците беа примени и во првопотчинетите единици на КО, во Првата пешадиска бригада, Извидувачко разузнавачкиот баталјон и баталјонот за Воена полиција.