Во касарната „Чеде Филипоски -Даме” во Кичево со пригодна свеченост се изврши примопредавање на должноста командант на 2.логистички баталјон помеѓу потполковник Ванчо Ташев кој ја предава и потполковник Горан Трајаноски кој ја прима должноста.
На свеченоста покрај командантот на брЛП, полковник Цветко Јаневски присуствуваа и командантите на ППЕ на брЛП и други поканети гости од општина Кичево.
Во говорот, пред присутните гости командантот на брЛП, полковник Цветко Јаневски на почетокот нагласи дека 2.логистички баталјон е логистичка единица која врши логистичка поддршка (ЛП) на многу единици во својата зона на одговорност, како и на многубројни активности и вежби кои се случуваат во ЦОВ Охрид, Маврово и Попова Шапка. Командантот притоа му се заблагодари на потполковник Ванчо Ташев за вложениот труд и енергија во извршувањето и реализацијата на поставените задачи како и испорачување на ЛП во вистинско време и место и во потребни количини, нагласувајќи дека изградил респектабилен колектив, а неговиот наследник ќе има задача да го надградува и надмине својот претходник. На припадниците на 2.логистички баталјон им оддаде признание за досегашниот ангажман во реализацијата на задачите и побара поддршка за новиот командант во идното делување и функционирање на колективот.
Досегашниот командант, потполковникот Ванчо Ташев истакна дека за период од 10 години од кога е во единицата ги споделувал сите заеднички постигнати успеси кои имале позитивен тренд и побара од сите припадници на 2.логистички баталјон да продолжат да ги извршуваат поставените работни задачи. На крајот од говорот, на потполковник Горан Трајаноски му посака здравје, среќа и многу успех на новата должност.
Новопоставениот командант потполковникот Горан Трајаноски најпрво се заблагодари на укажаната доверба за поставување на должноста командант и истакна дека му претставува особена чест и задоволство, но и одговорност да биде во улога на прв човек на 2.логистички баталјон. Во продолжение побара поддршка и помош во извршување и реализирање на сите поставени задачи кои престојат во наредниот период во единицата. Притоа, увери дека должноста ќе ја извршува крајно професионално и со максимално залагање. Исто така, на крајот му се заблагодари на потполковник Ванчо Ташев за вложениот труд и залагање во командувањето со единицата и му посака добро здравје и лична среќа и многу успех на новата должност.
На крајот од свеченоста, на церемонијален начин се изврши свечено примопредавање на военото знаме на единицата, со што се изврши и примопредавање на должноста Командант на 2.логистички баталјон.
ЗВ/ЛС/ИМ/ПА