Денес, во касарната „Јане Сандански“ во Штип, се одржа воена свеченост по повод примопредавањето на должноста Командант на втор механизиран пешадиски баталјон (2.мпб) од составот на Првата механизирана пешадиска бригада (1.мпбр).
Должноста од досегашниот командант на 2.мпб потполковник Горан Петрушевски ја прими потполковник Мирче Тасев кој досега ја извршуваше должноста Заменик на командантот во истиот баталјон.
На свеченоста присуствуваа заменикот на командантот на 1.мпбр полковник Бесник Емини, команданти и претставници од командите и единиците на АРМ како и претставници од органите на локалната самоуправа.
Пред стројот на единицата и присутните гости во своето обраќање заменикот на командантот на 1.мпбр полковникот Бесник Емини, му се заблагодари на досегашниот командант за вложениот труд и покажаните резултати за време на неговото командување со единицата, а на потполковникот Тасев му упати искрени честитки по повод стапувањето на новата должност, со желба за успешно командување и постигнување на уште поголеми резултати со баталјонот во наредниот период.
Досегашниот командант на 2.мпб потполковникот Петрушевски, во својот говор меѓу другото им оддаде признание на припадниците на баталјонот за вложениот труд од секој припадник во извршувањето на бројните задачи и предизвици со кои единицата успешно се справуваше во текот на неговото командување.
Новопоставениот командант, потполковникот Мирче Тасев, се заблагодари на укажаната доверба за поставувањето на оваа одговорна должност, ветувајќи дека како командант на 2.мпб ќе го даде својот максимум и во иднина под негова команда баталјонот ќе продолжи со посветеноста во извршувањето на задачите, постигнувајќи уште поголеми резултати.
На крајот од свеченоста следуваше церемонијалното примо-предавање на военото знаме на 2.механизиран пешадиски баталјон, со што и официјално беше извршено примопредавањето на должноста командант на 2.мпб.
СМ