Со воена свеченост во касарната „Илинден“ денеска официјално се изврши примопредавање на должноста командант на Баталјонот на Воена полиција (бВП). Со примопредавање на военото знаме на единицата, должноста командант на бВП од потполковник Зоран Станкоски ја прими потполковник Тони Павлоски.
Пред стројот на единицата и присутните гости се обрати бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, кој истакна дека единицата е една од најелитните единици на Армијата, која покрај пропишаните мисии и задачи, секојдневно извршува сложени задачи со висок интензитет. На досегашниот командант му оддаде признание за покажаното лидерство, умешноста во командувањето и пренесувањето на искуството на помладите, а воедно му посака успех во понатамошната кариера. На новопоставениот командант му посака успешно да раководи со единицата и да вложи напор за понатамошно јакнење на борбената готовност, обученоста и дисциплината.
Досегашниот командант на бВП, потполковник Зоран Станкоски, се заблагодари за поддршката и истакна дека извршувањето на големиот број на задачи поврзани со мисијата на единицата, не дозволуваат импровизирање и селективност, а за постигнатите резултати секојдневно добиваат пофалби и признанија. Новопоставениот командант, потполковник Тони Павлоски, истакна дека му е чест и задоволство да командува со оваа единица, му се заблагодари на потполковник Станковски за досегашната работа и му оддаде почит со доделување на Плакета на бВП за досегашната работа.
На свеченоста присуствуваа: командантот на КО, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски; командантот на Командата за обука и доктрини, бригаден генерал Лулзим Нуредини; командантот на 1. пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски; директорот на ДБРО полковник Игор Јанкуловски; командантот на Логистичка база, полковник Мухарем Мухареми; началници на организациски единици во ГШ и КО; поранешните команданти на бВП; командантите на останатите единици во Армијата и останати гости.