Во период од 15.03. до 15.05.2021 година инженерискиот баталјон (инжб) на Армијата на Република Северна Македонија и 15.инженериски баталјон на Вооружените сили на САД (15.инжб/ВС на САД) реализираа заедничка обука на армискиот полигон (АП) „Криволак“. Со взаемната обука двете инженериски единици извршија подобрување на капацитетите на АП „Криволак“ и зголемување на можностите за обука и вежбовни операции на единиците на нашата Армија со партнерите од НАТО.
Во текот на реализација на проектот направени се ископ, нивелирање и тампонирање на полетно-слетната патека, изграден е магацин за складирање на мети (Target Storage Building) на локацијата Џидимирци на АП „Криволак“, направени се 21 (дваесет и една) неподвижна цел за гаѓање од оклопни возила (Stationary Armored Target), извршено е уредување на просторот за подвижни цели за гаѓање со оклопни возила (Moving Armored Target Pits) на веќе постоечката локација на Џидимирци на АП „Криволак“, извршена е поправка на постоечката патна инфраструктура и изработка на нови делници на АП „Криволак“ и направена е полетно-слетна патека (UAS airstrip) за беспилотни летала. Во овој проект е опфатена и изработка на обиколницата на АП „Криволак“ во гарнизонот Штип. Пробиена е нова делница, поправени се веќе постоечките делници на патот, а вкупната должина на обиколницата изнесува 62 километри. Во текот на тампонирањето на новопробиената делница од патот, со свои сили и средства (моторни возила-самоистоварувачи) учествуваа и претставници од 15.инжб/ВС на САД.
Припадниците на инжб организираа подготовка и реализација на подготвително гаѓање на реден број 1 за припадниците на 15.инжб на стрелиштето „Брест“ на АП „Криволак“.
Посета и обиколка за време на заедничката обука на инженериските единици на АП „Криволак“ извршија претседателот на државата и врховен командант, НЕ господин Стево Пендаровски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, госпоѓа Кејт Брнз, министерката за одбрана, госпоѓа Радмила Шеќеринска, командантот на Командата за операции (КО), генерал-мајор Павле Арсоски и командантот на US 21st Theater Sustainment Command, генерал-мајор Кристофер Мохан. Исто така, командантот на 15.инжб/ВС на САД, потполковник Џесика Гофена, изврши работна посета на КО и инжб.
Инжб е ангажиран веќе втора година на АП „Криволак“ со цел да го реализира проектот за негово прераснување во регионален тренинг центар. Во изминатите два месеци овие активности уште повеќе се интензивираа. Со обуката, која беше на највисоко професионално и војничко ниво, инжб и неговиот долгогодишен партнер 15.инжб/ВС на САД извршија размена на знаења и искуства во работата, со што се подобри интероперабилноста според НАТО стандардите. Се изврши одлична можност за запознавање на тактиките, техниките и процедурите за донесување на воена одлука до ниво на вод. Се реализираше различна обука и запознавање со тактичко-техничките карактеристики на инженериските средства со кои двете единици располагаат. Воедно се извршија подготовки и создавање на оптимални услови за реализација на вежбата „Saber Guardian 21/Decisive Strike 21“ (SG21/DS21), која на АП „Криволак“ започнува на 17 мај 2021 година.