Во касарната „Мирче Ацев“ Прилеп, со воена свеченост припадниците на артилерискиот баталјон (артб) го одбележаа 10 Април-Денот на единицата.
На свеченоста присуствуваа командантот на Здружената оперативна команда, бригаден генерал Зоран Милески, заменик командантот на 1. механизирана пешадиска бригада полковник Марјан Симоновски, команданти на единиците на АРМ, поранешни команданти, претставници од Сојузот на борци, градоначалници на општините во регионот, претставници од јавниот и бизнис сектор во регионот и локалните медиуми.
Пред присутните со пригоден говор се обрати командантот на артб, потполковник Ивица Цветковски, кој се осврна на историјатот на единицата и ангажирањето на персоналот за асистенција на МВР на јужната граница во справување со бегалската криза и заменик командантот на 1.мпбр кој им го честита празникот на припадниците на артилерискиот баталјон.
По повод денот на единицата беа доделени стимулативни мерки на припадниците на баталјонот, додека командниот вод од командната батерија на потпоручник Сара Мишева беше прогласен за најдобар вод и го доби преодниот пехар и знаменцето на единицата.
Во пресрет на 10 Април-Денот на единицата, припадниците на артилерискиот баталјон реализираа бројни активности: историски час посветен на народните херои од Прилеп, крводарителска акција во која беа собрани 68 крвни единици и ТТ збор со изложба на вооружување и опрема за учениците од основните и средните општински училишта.
Со одлука на претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили д-р Ѓорге Иванов,10 Април е одреден за Ден на артилерискиот баталјон, како датум од поновата историја, кога е формирана првата артилериска единица во АРМ во независна и суверена Република Македонија.