На ден 9 јуни 2025 година во Центарот за обука „Пепелиште“ со свечен строј беше затворена воената вежба „Immediate Response 25“.
Пред стројот на учесниците на вежбата се обрати ко-директорот на вежбата, потполковник Ристо Стоев кој истакна дека е задоволен од напорната работа, професионализмот, меѓусебната соработка и исклучителната посветеност на сите учесници на вежбата притоа вежбата официјално беше прогласена за затворена.
Вежбата во потполност ја постигна својата цел за унапредување, но и проверка на интероперабилноста и оперативната способност на сојузниците за водење на конвенционални операции, организација на системите на бојното поле, како и подобрување на тактиките и техниките во водењето на операциите, во функција на создавање поголема отпорност и самоодржливост на бојното поле.
Вежбата „Immediate Response 25“ е дел од најголемата НАТО вежба оваа година на тлото на Европа како дел од вежбата“Defender Europe 25” предводена од Армијата на САД која се изведува на територијата на членките на НАТО од јужниот дел на Европа и во која учествуваат и Армиите на НАТО од Европа: Црна Гора, Албанија, Италија, Грција, Обединето Кралство и единица од Австрија и Косово како дел од заедничката програма за вежби на USEUCOM-AF. Преку изведување на копнени и бојни гаѓања се подобруваат подготвеноста, интероперабилноста и способностите за одвраќање помеѓу НАТО сојузниците и партнерите.