На 31 март 2026 година, 45 ученици на возраст од 7 до 8 години од ООУ „11 Октомври“ – Скопје, во придружба на своите наставници, реализираа едукативна посета на единиците на воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ) на Армијата.
Посетата беше организирана во рамки на активностите за цивилно-воена соработка, со цел запознавање на најмладите со основните сегменти на функционирањето на военото воздухопловство. Програмата беше соодветно прилагодена на нивната возраст и опфати кратки презентации и демонстрации за улогата и задачите на персоналот во вВИНГ.
Учениците имаа можност да се информираат за работата на пилотите, техничкиот персонал и останатите специјалисти, како и да се запознаат со основните карактеристики и намена на воздухопловите кои се функционални во Армијата.
Во рамки на посетата беше реализирано и разгледување на дел од воздухопловите, при што учениците одблиску се запознаа со нивната функција преку едноставни и разбирливи објаснувања.
Активноста претставува дел од континуираните заложби на вВИНГ за унапредување на соработката со образовните институции и подигање на свеста кај младите за значењето на Армијата и техничките професии.








