Во текот на вчерашниот и денешниот ден (19 и 20 август 2025 година), воздухопловниот ВИНГ на Армијата (вВИНГ) беше ангажиран во акцијата за гаснење на шумскиот пожар во реонот на Јасен, користејќи хеликоптер тип Ми-8МТ. Во рамки на воздушната интервенција беа реализирани вкупно 46 водени исфрлања (ведра), со што беа испуштени околу 102,5 тони вода.
Вчерашните активности започнаа во 11:00 часот и траеја околу три часа, при што беа исфрлени 25 ведра (околу 50 тони вода). Дејствувањето се реализираше во координација и заемна поддршка со капацитетите на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и Министерството за внатрешни работи (МВР).
Активностите продолжија и денес, со интервенција што започна во 06:00 часот, при што беа исфрлени уште 21 ведро или приближно 52,5 тони вода. Денешното дејствување беше реализирано во координација и заемна поддршка со капацитетите на Министерството за внатрешни работи.
Целата операција се спроведуваше во тесна соработка со Центарот за управување со кризи (ЦУК), а напорите беа насочени кон локализирање и спречување на понатамошно ширење на пожарот, со приоритетна цел – заштита на населението, имотот и животната средина.
Ангажманот на воздухопловниот ВИНГ претставува дел од неговата континуирана подготвеност за брза, стратешка и ефикасна поддршка од воздух при справување со природни катастрофи. Екипите остануваат во состојба на зголемена готовност и будно ја следат состојбата на терен, подготвени за понатамошни интервенции со цел зачувување на животната средина.