Во касарната „Јане Сандански“ во гарнизонот Штип , денес се реализираа завршните активности и Ден на високи гости на вежбата за справување со елементарни непогоди „Национален одговор 2019“ ,која се реализираше во периодот од 16.09. до 19.09.2019 година.
Денот на високи гости на вежбата беше проследен со повеќе активности кои започнаа со воведно обраќање на командантот на здружената оперативна команда, генерал-мајор, Павле Арсоски, по што следеше брифинг за вежбата од страна на директорот на вежбата, полковник Жикица Јовановски.
По презентацијата на новиот команден систем за справување со кризи – NICS од страна на стручно лице од Центарот за управување со кризи (ЦУК), се обиколија регионалниот штаб за управување со кризи, подрачниот штаб на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и ситуациониот центар. На полигонот за обука во касарната беа демонстрирани дел од активностите кои се изведуваа за време на вежбата, по што завршно обраќање имаа заменик началник на генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин и градоначалникот на општина Штип, господин Благој Бочварски.
Вежбата „Национален одговор 2019“ се реализира врз основа на комплексно сценарио кое се базира на природна катастрофа. Имено сценариото се заснова на поројни дождови во поширокиот регион на општина Штип, кои причинуваат излевање на браната „Калиманци“, на реката Брегалница и нејзините притоки кои го поплавуваат поширокиот штипски регион. По прогласување на кризна состојба во општина Штип и општина Карбинци во траење од 15 дена се ангажираат капацитетите и ресурсите на национално ниво. Со тоа се задејствуваа сите институции за справување со елементарни непогоди: Армијата, Министерствата за одбрана, внатрешни работи, здравство, земјоделие водостопанство и шумарство, ЦУК, ДЗС, ЕВН, Црвениот крст, Јавните претпријатија „Исар“ и „Стипион“ од Штип и општинските сили за управување со кризи на град Штип, Виница, Кочани, Чешиново-Облешево, Карбинци и Зрновци, кои во најпогоденото подрачје од невремето и во предвидениот рок успешно се справија со елементарната непогода.
Вежбата „Национален одговор 2019“ е прва вежба од ваков карактер во нашата држава. На неа сите учесници го дадоа својот максимален придонес и се постигна подобро запознавање со силите и ресурсите со кои тие располагаат. Со тоа се постигна главната цел на вежбата за ефикасно и ефективно спроведување на системот за справување со кризи во координирано и заедничко дејство на сите негови субјекти.
СЈ/ЧС/НЈ