Во Техничкиот ремонтен центар, со воена свеченост се изврши примопредавање на должноста командант на Технички ремонтен центар помеѓу потполковник Чедомир Јовевски, како предавач на должност и мајор Арбен Исмаиљи, како примач на должност.
Со пригодни говори, пред стројот на единицата како и присутните гости се обратија: заменик на командантот на Логистичка база (ЛБ) полковник Саше Јакимовски, досегашниот командант потполковник Чедомир Јовевски и новопоставениот командант мајор Арбен Исмаиљи.
На свеченоста, полковник Саше Јакимовски во својот говор истакна дека припадниците на единицата покажаа и докажаа дека успешно се справуваат со сите предизвици и им изрази благодарност за постигнатите резултати и посветеност во извршувањето на задачите и мисијата на единицата.
Досегашниот командант, потполковник Чедомир Јовевски на почетокот на својот говор истакна дека да се биде дел од Технички ремонтен центар е голем предизвик, но и обврска, при што се заблагодари на Командата на ЛБ и на припадниците од единицата, за разбирањето, поддршката и несебичното споделување на професионалното искуство и знаење, додека на новиот командант, мајор Исмаиљи му посака многу успех на новата должност, добро здравје и одржување на меѓучовечките односи на уште повисоко рамниште.
Новопоставениот командант мајор Арбен Исмаиљи најпрвин во говорот се заблагодари на Командата на ЛБ за укажаната доверба за должноста командант и истакна дека и понатаму ќе продолжи со ефикасно и целосно извршување на задачите кои произлегуваат од мисијата на единицата. На досегашниот командант потполковник Јовевски му изрази благодарност за посветеноста, пожртвуваноста и професионалноста во командувањето со Техничкиот ремонтен центар.
На воената свеченоста присуствуваа претставници од Ј-4/ГШ, команданти на ППЕ/ЛБ, команданти на останати единици и други гости.
ЗВ/АИ