Согласно програмата за одбележување на Денот на полкот за специјални операции (пСО) се реализираа неколку активности со кои припадниците го одбележаа својот ден.
Припадниците на полкот за специјални операции, како и секогаш во голем број се вклучија во крводарителна акција при што беа собрани над 100 крвни единици.
Крводарителната акција се реализираше во соработка со ГОБ „8-ми Септември“, а овие акции се организираат три пати годишно по повод денот на единицата, во помен на загинатите припадници на АРМ во Вејце како и на Денот на АРМ.
Преку дарувањето на крв, чин кој претставува највисоко ниво на хуманост, припадниците на пСО на најдобар начин ја покажаа својата солидарност во спасување и продолжување на човечките животи.
Хуманоста е една од одликите која го краси секој припадник на АРМ така и припадниците на пСО. На 24 февруари во Домот за деца без родители „11-ти Октомври“ во Скопје тие донираа сок, млеко и прехранбени артикли.
Исто така во пресрет на Денот на единицата на спортските терени во касарната Илинден се одржаа и финалните спортски натпревари во кошарка, одбојка, фудбал и шах а на најдобрите екипи им беа доделени признанија.