Утре, 7-ми ноември 2013 година, во Домот на културата во Струмица со почеток во 19.00 часот ќе се одржи промотивен концерт на Воениот оркестар на АРМ.
Пред концертот, припадниците на баталјонот за почести, на платото пред Домот на културата со почеток во 18.45 часот ќе ја изведат точката ,,ЕГЗИРЦИР “ со која ќе демонстрираат висока строева извежбаност во работа со пушка. Воениот оркестар во траење од околу еден час ќе изведе репортоар од различни нумери од познати светски автори, обработени за оркестарска изведба, а кои се атрактивни за различни генерации на слушатели.
На концертот на Воениот оркестар во Струмица ќе присуствуваат: началникот на штабот на Здружената оперативна команда на АРМ бригаден генерал Стојан Димчов, претставници на локалната самоуправа од Струмица, припадници на АРМ и други гости.
Со утрешниот промотивен концерт на Воениот оркестар во Струмица, АРМ продолжува со реализацијата на проектот за соработка со локалната самоуправа во Република Македонија, чија основна цел е низ дружење Армијата да се доближи до граѓаните и проширување на цивилно-воената соработка и во градовите каде АРМ нема гарнизони.
Во текот на годинава Воениот оркестар имаше успешен настап во Битола, Прилеп, Струга, Охрид и Радовиш каде граѓаните имаа одлична прилика да се дружат со припадниците на АРМ.
Се покануваат новинари, сниматели и фоторепотрери да го проследат и да известуваат за настанот. Воедно, ги покануваме граѓаните на Струмица да присуствуваат во што поголем број и да се дружат со припадниците на АРМ.