По повод одбележувањето на 126 години од дипломирањето на Мустафа Кемал-Ататурк на тогашната Воена гимназија во Битола, командантот на Командата за операции (КО), бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, денес учествуваше и имаше обраќање на Свечената церемонија, која се одржа во музејот „Битола“.
Генералот Ѓоргоски во своето обраќање нагласи дека Кемал Ататурк бил и засекогаш ќе остане силна инспирација за сите воени лидери. Ататурк својата војничка генијалност ја покажал токму овде, во Битола, на почетокот на неговата едукација, а подоцна со командувањето со многу високи воени единици и состави прераснува во пример за водење вооружена борба. Генералот Ѓоргоски потенцираше дека делото на Ататурк мора заедно да продолжиме да го негуваме, затоа што во меморијата на двата пријателски народа, овој великан ќе остане запаметен како човек кој градел мостови на мир и пријателство, што во денешниов, прилично немирен, свет ни се повеќе од потребни. Воедно генералот истакна дека партнерството помеѓу нашата Армија и Вооружените сили (ВС) на Турција е исклучително силно и тоа се гради од осамостојувањето на нашата држава.
На одбележувањето, во чест на ликот и делото на Кемал Ататурк, како извонреден промотор на начелото за разбирање помеѓу народите и трајниот мир меѓу светските нации, присуствуваа: делегација од ВС на Република Турција, предводена од бригаден генерал Рамазан Топер, амбасадорот на Република Турција во Република Северна Македонија Н.Е. Фатих Улусој, претставници од воено-дипломатскиот кор, Генералштабот и Министерството за одбрана.