Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска оствари средба со потполковник Мајкл Коен, по повод неговото назначување за шеф на Канцеларијата за одбранбена соработка при Амбасадата на Соединетите Американски Држави во нашата земја.
На средбата, генерал Лафчиски изрази благодарност за досегашниот придонес на Канцеларијата во унапредувањето на билатералната соработка меѓу двете армии. При тоа беше нагласена улогата на Канцеларијата во развојот на лесниот пешадиски баталјон, реализацијата на заеднички обуки и вежби, развојот на АП „Криволак“, како и други активности од областа на одбраната. Во оваа прилика генералот Лафчиски го истакна очекувањето дека оваа интензивната соработка ќе продолжи и во иднина.
Потполковник Мајкл Коен ја презема должноста од потполковникот Шон Руфоло, кој во изминатите три години ја извршуваше функцијата шеф на Канцеларијата за одбранбена соработка при Амбасадата на САД.
Новиот шеф, потполковник Коен, е офицер за меѓународна соработка и пред неговото назначување во Скопје служеше во штабот на Армијата на САД, во секторот Г-3/5/7 за меѓународни односи, каде работеше со воени претставници од повеќе земји од Централна и Источна Европа.