Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија интензивно работат на имплементацијата на родовата перспективи и соодветно третирање на сите прашања поврзани со родово базирано насилство и вознемирување на работното место. За таа цел беше донесено и Упатство за заштита од вознемирување на работно место, усогласено со политиката на НАТО за превенција и одговор на сексуална експлоатација и злоупотреба и беа определени родови претставници во сите сектори на Министерството за одбрана и организационите единици на Армијата.
Денеска во просториите на Регионалниот центар за односи со јавноста беше одржана обука со сите назначени родови претставници за Упатството за заштита од вознемирување на работното место и за други теми поврзани со родовата рамноправност во Министерството за одбрана и Армијата. Обуката со овие лица е планирана да се изведува континуирано, во неколку фази. Првата фаза од обуката се изведе во неколку сесии од страна на репрезентативни обучувачи од неколку институции кои ја третираат оваа проблематика. Весна Ивановиќ – Кастеред, раководителка на UN Women, одржа предавање на тема „Основни родови поими и терминологија и меѓународни механизми“. Во втората сесија предавачи беа Ѓултен Мустафова и Антонио Михајлов од Министерството за труд и социјални политика, кои се осврнаа на законската рамка за заштита од вознемирување и дискриминација. Психологот Давид Тасевски се задржа на психолошките последици предизвикани од вознемирувањето и даде препораки како да се постапува во одредени ситуации. НАТО сертифицираните родови обучувачи од Министерството за одбрана – потполковник Антониела Станковска-Будимир и потполковник Орданче Тодоров го презентираа Упатството за заштита од вознемирување на работно место, задржувајќи се на сите механизми и постапки кои им се достапни на вработените доколку се соочат со ваков проблем на работното место.