Ренџерскиот баталјон во касарната „Илинден“, беше домаќин на веќе традиционалните „Ренџерски игри“, кои оваа година се одржуваат по десетти пат, и се покажа како одличен организатор кој секоја година не само што ги омасовува игрите, туку истите добиваат на квалитет и се постигнуваат извонредни резултати. Оваа година, покрај учеството од 12 екипи од единици на Армијата, за прв пат имаа можност да учествуваат и по една екипа од единицата за брзо распоредување и специјалната антитерористичка единица од МВР.
На отворањето на игрите командантот на баталјонот, потполковник Ментор Саити, во присуство на заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин на учесниците и екипите им порача дека со овој вид на натпревари покрај натпреварувачките способности се гради и тимското работење и им посака успешен настап на сите натпреварувачи.
Во текот на четиридневните натпревари во дисциплините: фрлање рачна бомба, гаѓање со пиштол и пушка, расклопување и склопување на вооружување, совладување на полигон со пречки, ориентација на непознат терен и други се покажа издржливоста, вештините и тимската работа.
Со денешното затворање на игрите, се прогласија најдобрите екипи и поединци, како мотив повеќе за понатамошно подобрување на натпреварувачкиот дух и усовршување на личните професионални вештини.
За најдобар тим на „Ренџерските игри“ е прогласен тимот од Единицата за брзо распоредување од МВР, второпласиран е прогласен тимот од САЕ Тигар, додека третопласиран е тимот на Ренџерскиот баталјон.
По категории :
– дисциплина Полигон за издржливост, победник е тимот од ЕБР;
– дисциплина Полигон за проверка на тимскиот дух, победник е тимот од ЕБР;
– дисциплина Трчање на 6 000 метри, победник е тимот од ЕБР;
– дисциплина Гаѓање под оптоварување, победник е тимот од Рб;
– дисциплина Фрлање на РОБ , победник е тимот од вВИНГ;
– дисциплина Полигон за вооружување и пешадиски пречки, победник е тимот од САЕ Тигар.