Припадниците на Баталјонот на специјални сили (бСС) на 10 ноември во касарната „Илинден“ реализираа отворен ден за студентите од Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет на УКИМ во Скопје.
Добредојде на студентите им посака заменикот на командантот на бСС, потполковник Игор Јованов кој одржа воведен говор и ги поздрави сите присутни на настанот.
Со брифинг за единицата, студентите се запознаа со историјатот на единицата, мисијата и суштинските задачи, како и придонесот од учеството во мировни мисии надвор од државата, а присуствуваа и на работни точки на кои припадниците на бСС подготвија презентации за оружје, опрема, изведување обука и специјални вештини.
Во текот на отворениот ден, студентите се запознаа со оружјето и специјалната опрема на армиските специјалци и имаа можност одблизу да го видат личното и колективно вооружување, алпинистичката, нуркачката и останатата специјална опрема со која оперира единицата.
Исто така, ги проследија и алпинистичките вештини на припадниците на баталјонот кои ги изведуваа на алпинистичката кула, демонстрација на обука по боречки вештини, како и методско-показна вежба „директна акција со препад на командно место“, каде студентите имаа можност да присуствуваат на реално извршување на борбена задача со употреба на маневарска муниција.
Заинтересираноста на студентите како идни донесувачи на стратешки одлуки од доменот на безбедноста и одбраната беше огромна, беа поставувани многу прашања и многу од нив изразија желба еден ден да бидат дел од Армијата и Министерството за одбрана.