Оваа пролет на армискиот полигон „Криволак“ ќе се реализира најголемата мултинационална вежба реализирана во Република Северна Македонија досега, Вежбата „Swift Response 22“.
„Swift Response 22“ е годишна мултинационална вежба која оваа година опфаќа 3 региони: Арктикот, Балканскиот и Балтичкиот регион. Во вежбата се вклучени околу 9.000 припадници на вооружените сили на 17 земји сојузници и партнери и ќе се реализира синхронизирано во Норвешка, Летонија, Литванија и Северна Македонија.
Вежбата „Swift Response 22“ има за цел да ја демонстрира способноста за брзо распоредување на Копнените сили на САД во Европа и Африка заедно со мултинационалните воздухопловно-десантни сили од Европа без претходна поголема подготовка насекаде во светот. Истовремено, намерата е да се прикаже борбената готовност на Копнените сили во Европа и Африка и да се зголеми подготвеноста преку унапредување на интероперабилноста во воздухопловно-десантните операции помеѓу сојузниците и Партнерите како и зајакнување на заедништвото во различните партнерски служби и родови.
Вежбата се реализира согласно едногодишниот план за вежби на Армијата и Воздухопловните сили на САД и ѝ претходеше подолг планирачки процес. Дел од планирачкиот процес за вежбата “Swift Response 22” кој се одвиваше во текот на 2021 година, се реализираше и во нашата држава.
Во Северна Македонија, учество ќе земат околу 4.600 припадници од осум НАТО земји и тоа: Северна Македонија, САД, Обединетото Кралство, Италија, Франција, Црна Гора, Албанија и Грција.
Вежбата има особено значење за нашата Армија во однос на споделување на знаења, способности и вештини, зголемување на интероперабилноста со вооружените сили на сојузничките земји, усогласување на техниките и процедурите на сојузниците, заедничко дејствување во изведување на овој вид на операции, како и демонстрирање на капацитетите на АП „Криволак“ за изведување и на ваков вид на воени вежби како уникатен капацитет за извежбување на Армијата на Република Северна Македонија и земјите на НАТО.
Во извежбувањето на армискиот полигон „Криволак“ ќе бидат вклучени 45 воздухоплови, односно борбени и транспортни авиони и хеликоптери, а за време на вежбата, ќе бидат изведени над 700 падобрански скокови.
Фактот дека Република Северна Македонија е домаќин на оваа вежба заедно со седум земји сојузници во НАТО покажува дека нашата држава и нејзините вооружени сили имаат сериозен капацитет да придонесат кон колективната одбрана, безбедноста и сигурноста на евроатланската област.