Во период од 01.04 до 05.04.2019 година во кампот за обука „Пепелиште“ се реализираше финалната планирачка конференција за вежбата „Одлучен удар“ (Decisive Strike), на која покрај нашите армиски припадници на директоратот на вежбата од Здружената Оперативна Команда (ЗОК), учествуваа и претставници од вооружените сили на САД, Бугарија, Албанија, Црна Гора и Литванија, како и претставници од повеќе министерства и владини институции, кои ќе бидат интегрален дел од поддршката на вежбата во периодот од мај до јули 2019 година.
Во текот на конференцијата, здружениот тим за планирање изврши синхронизација на сите активности за успешен почеток на вежбата „Одлучен удар“. Беше финализиран планот за вежбата, детализирана програмата за Денот на високи гости, искоординиран планот за медиумско покривање на сите активности, дефинирана реалната логистичка поддршка и финализирани активностите од цивилно-воената соработка.
На ден 04.04.2019 година беше реализиран завршниот брифинг од планирачкиот процес на вежбата кон Заменик командантот на ЗОК, кој ја истакна стратегиската важност која ќе ја има вежбата за нашата држава како идна 30-та земја членка на НАТО.
Оваа финална конференција го заокружи планирачкиот процес и обезбеди комплетирање на сите неопходни документи кои се предуслов за успешна реализација на најголемата вежба која ќе се реализира во Република Северна Македонија во 2019 година.
ЗД/ЗВ/ИМ/БН