Денес, во касарната „Илинден“ во Скопје, се одржа свеченост по повод 9-ти Мај, Денот на победата над фашизмот.
На свеченоста присуствуваа: Претседателот на Република Македонија и Врховен командант д-р Ѓорге Иванов, Началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, Државниот секретар во Министерството за одбрана Сашо Стефаноски, активните и пензионираните генерали на АРМ, високи претставници на Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ, воените аташеа акредитирани во Република Македонија, претставници на Сојузот на борците од Народно-ослободителната борба, командантите на потчинетите команди и единици на ГШ на АРМ и други гости.
На свеченоста, обраќајќи им се на припадниците на АРМ, Претседателот Иванов го нагласи значењето на Денот на победата, како градење на нов демократски свет, на нови вредности и нови односи, нагласувајќи го формирањето на Обединетите нации, НАТО Алијансата, Европската унија, при тоа подвлекувајќи дека од урнатините на разрушената и раскрвавена Европа се создаде политички и економски моќна Европска унија. Тој потсети на остварувањето на сонот за обединета Европа, како мировен проект кој сè уште е недовршен, заради што не треба да се чека конечно да се оствари целосното обединување на Европа. Осврнувајќи се на значењето на денешниот ден, Претседателот Иванов нагласи дека избирајќи го вистинскиот пат, онака како што тоа беше направено во Втората светска војна, оваа генерација заслужува да биде дел од Европа и дел од прогресивниот и напреден свет, како земја со демократски и економски просперитет, а дека сите пречки, кои се од несуштинска природа и кои немаат ништо заедничко со вредностите над кои е изграден современиот демократски свет, нема да нè спречат да дојдеме до нашата цел.
На крајот, пред стројот на единиците на АРМ Претседателот Иванов порача: „Вие, припадниците на Армијата на Република Македонија, кои се истакнувате по својата професионалност, посветеност и постигнати резултати, и постојано ги надминувате нашите очекувања и очекувањата на нашите партнери и сојузници, треба што поскоро да го заземете вашето заслужено место во НАТО Алијансата. Со еднаква одговорност, како и во бројните успешни ротации во мировните мисии ИСАФ, ЕУЛЕКС и УНИФИЛ.“
Во чест на Денот на победата над фашизмот, пред обраќањето на Претседателот Иванов, беше изведено свечено дефиле со учество на сите единици на АРМ.