Денес, 21-ви Јули, на аеродромот „Александар Велики“ во Петровец, пристигнаа мировниците на АРМ кои учествуваа во мисијата ИСАФ во Авганистан.
Мировниците од составот на Првата механизирана пешадиска бригада, (1.мпбр), во оваа прилика, срдечно беа пречекани од Министерот за одбрана д-р Зоран Јолевски, началникот на ГШ на АРМ генерал – потполковник Горанчо Котески, Заменик командантот на Здружената оперативна команда на АРМ бригаден генерал Мухамед Рацај и Командантот на 1.мпбр бригаден генерал Павле Арсоски.
Во шеснаесеттата ротација на мировната мисија ИСАФ во која АРМ учествуваше со механизирана пешадиска чета, во Авганистан заминаа 150 припадници на 1. мпбр кои заедно со најстариот национален претставник беа распоредени во главната команда на ИСАФ во Кабул.
Припадниците на АРМ во контингентот за мисијата ИСАФ, во изминатите шест месеци задачите ги извршуваа во рамките на контингентот на Армијата на Обединетото Кралство, каде беа задолжени за обезбедување на главната команда на силите на ИСАФ во Кабул.
За досегашното беспрекорно и професионално извршување на задачите, покажаната компатибилност и интероперативност со силите на Алијансата во мисијата ИСАФ, припадниците на АРМ од командата на ИСАФ и од високите командни структури на Алијансата, изминативе години во континуитет добиваат највисоки оценки, заради што уживаат висок рејтинг.