Денес, 11-ти август, во рамките на програмата за одбележување на „18-ти Август“ – Денот на АРМ, на Воениот стадион во Скопје, свечено беа отворени финалните спортски натпревари по повод Денот на АРМ.
Финалните спортски натпревари ги отвори Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија генерал-потполковник Горанчо Котески, кој потенцираше дека спортот е значаен фактор во армиската обука и физичката подготвеност, но и во развивањето на натпреварувачкиот дух кој може само да придонесе подобро да се извршуваат армиските борбени задачи.
Во досегашните натпреварувања кои се одржаа во сите гарнизони на АРМ низ Републиката, учество зедоа над 1500 припадници, а во финалните натпреварувања учество ќе земат околу 250 припадници на Армијата.
Овие спортските натпревари традиционално се одржуваат секоја година во рамките на одбележување Денот на АРМ. На најуспешната единица на свеченото постројување за Денот на Армијата, која оваа година ќе биде на 15.08.2014 година пред платото на министерството за одбрана на Република Македонија, ќе и се додели преоден пехар, а најуспешните екипи и спортисти ќе добијат пригодни награди.