Командата за обука и доктрини (КОД) со воена свеченост во касарната „Алексо Демниевски – Бауман” – Велес го одбележа 15-ти април, Денот на единицата.
Со одлука на Претседателот на Република Македонија за определување на денови на единиците на Армијата на Република Македонија, денешниот датум е одреден, како ден на КОД, како значаен датум кога во 1992 година пристигнаа првите регрути од регуларниот состав на Армијата на Република Македонија на отслужување на воениот рок во самостојна и независна Република Македонија.
На денешната свеченост присуствуваа Заменик на Началникот на ГШ на АРМ генерал мајор Мухамет Рацај, команданти на единиците на АРМ, претставници од МО и ГШ на АРМ, поранешни команданти и пензионирани старешини од составот на единицата и претставници од локалната самоуправа.
Претходниот период во рамки на програмата за одбележување на денот на единицата се спроведе крводарителна акција на која се даруваа повеќе единици на крв, додека во хуманитарна акција беа собрани и предадени на Црвениот крст, значителни количини на облека, прехранбени артикли и средства за хигиена. Покрај овие активности се одржаа и спортски натпревари во мал фудбал, пинг-понг и шах.
Командата за обука и доктрини согласно доделената мисија е одговорна за организација, координација и реализација на индивидуална обука на војници, питомци, подофицери и офицери од активниот и резервниот состав, поддршка на колективната обука на командите и единиците на АРМ и развој на доктрините и научените лекции во АРМ.
Низ програмите за обука во КОД покрај регрутите од 1992 до 2006 година, поминаа и се обучуваа 28 генерации на граѓани на доброволно служење на воениот рок. Во структурата на КОД функционираат повеќе центри за обука, меѓу кои центарот за обука на питомци врши подготовка и реализација на основната воена обука на питомците и кандидатите за офицери за службите во АРМ, во центарот за странски јазици голем број припадници на МО и АРМ ги усовршуваат своите знаења по англиски и други странски јазици. Во центарот за поддршка на обуката во текот на годината поминуваат скоро сите припадници на АРМ. Центарот за обука и дресура на службени кучиња се грижи за правилно одгледување и обезбедува доволен број на обучени и дресирани службени кучиња за разни намени.