Делегација на Армијата на Република Македонија предводена од Началникот на ГШ на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски учествува на конференција на земјите партнери на Националната гарда на САД, кој се одржува во Гармиш, Сојузна Република Германија.
Учеството на македонската висока воена делегација на конференцијата која е во организација на Европската команда на вооружените сили на САД (ЕУКОМ), е од особено значење за АРМ поради можноста за размена на информации од значење за безбедноста и подобрување на меѓусебната воена соработка во справувањето со актуелните безбедносни ризици.
На конференцијата учествуваат претставници од армиите на земјите членки на програмата за партнерство со Националната Гарда на САД , меѓу кои и Началници на генералштабови и други високи воени раководители.
Фокусот на конференцијата е насочен кон меѓусебните констелации на партнерските земји на националната гарда во период после одржаниот варшавски самит на НАТО, како и разгледување на облиците и начините на понатамошната воена соработка.
Генералот Величковски за време на одржувањето на конференцијата оствари средби со високи воени претставници од ЕУКОМ, Националната гарда на САД и од армиите учеснички на конференцијата при што пред сé се разговараше за понатамошно унапредување на меѓусебната воена соработката.
Програмата за партнерство на Националната Гарда на САД со армиите на земјите од Европа кои потекнуваат од поранешна Југославија, Советскиот Сојуз и поранешниот Варшавски пакт во зоната на одговорност на ЕУКОМ потекнува од 1993 година, кога и АРМ ја започна својата воена соработка со Националната Гарда на Вермонт.
Главна цел на партнерската програма е промовирање на заеднички пристап, градење на воените способности и подобрување на меѓусебната интероперабилност со што се придонесува за европската но и поширока меѓународна стабилност.
Во 2008 година како дел од програмата за соработка, единици на АРМ имаа заедничко учество со единици на Националната Гарда на Вермонт во наменските сили „Феникс“ во мисијата ИСАФ во Р. Авганистан, а покрај тоа секоја година се изведува заедничка обука, вежбовни активности и состаноци на највисоко воено ниво со оваа партнерска Национална Гарда.