Денес во касарната „Боро Менков“ во Куманово, со церемонијално примопредавање на военото знаме на баталјонот се изврши примопредавање на должноста Kомандант на Прв механизиран пешадиски баталјон (1.мпб) од составот на Прва механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) воедно командант на касарна.
Должноста командант на 1.мпб од потполковник Ердоан Хасан ја прими потполковник Стојанче Костов, кој досега извршуваше должност началник на секција С-5 во 1.мпбр. На свеченоста присуствуваа началникот на ЗОК, бригаден генерал Орце Јордев, заменик командантот на 1.мпбр полковник, Бесник Емини, како и претставници од државна управа, јавните установи и служби, градоначалници и претставниците на единиците на локалната самоуправа во зоната на одговорност и правни и физички лица со кои Армијата на Република Македонија има соработка.
Со свои говори се обратија заменик командантот на 1.мпбр, полковник Бесник Емини кој меѓудругото истакна дека 1.мпб има долга традиција достојна за почит, традиција каква има малку која друга единица од составот на 1.мпбр, досегашниот командант на 1.мпб, потполковник Ердоан Хасан се заблагодари на единицата за укажаната поддршка во текот на неговото командување со единицата. Новиот командант, потполковник Стојанче Костов истакна „Да се биде на оваа одговорна функција пред се значи доверба, чест, храброст, посветеност, визија, но и преземање на одлучни акции. Мојот правец на дејство ќе биде еден и единствен: личниот пример, посветеноста на работата, честа, достоинството и интегритетот ќе бидат клучни во процесите низ кој ќе ве водам. Дали ќе привлечеме нечие внимание и дали довербата ќе ја оправдаме, тоа зависи само од нас. Не можеме да оствариме сè за еден ден, но заедно можеме доста да подобриме и да додадеме поголема вредност на единицата во периодот кој ни претстои“.
Прв механизиран пешадиски баталјон како единица е носител на најголемата декларирана единица од АРМ според концептот на оперативни способности во базата на декларирани единици на Алијансата за изведување на операции за одговор на кризи, операции за одржување и воспоставување на мирот како и за хуманитарни операции која во октомври 2017 година беше реоценета со оценка – Борбено подготвена. Оваа година со Указ од Врховниот командант, единицата доби воено признание : „Орден за воени заслуги“ истото е највисоко одликување во кое сите припадници имаат вложено дел од себе.