Началникот на генералштабот, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски, кој се наоѓа во работна посета на Вооружените сили на Обединетото Кралство, денес престојуваше во Министерството за одбрана каде оствари средби со заменик на началникот на здружениот штаб на одбраната на Обединетото Кралство, генерал, Сер, Гордон Месинџер и со Директорот на Евроатланската безбедност, г-дин Ник Гур.
За време на средбата со генерал Месинџер, беа опфатени повеќе прашања од билатералната воена соработка како и можностите за изведување на заедничка обука, користење на капацитетите на АП Криволак, воената едукација и учествување во меѓународните мировни мисии.
Генералите Ѓурчиновски и Месинџер ја искажаа потребата за понатамошно продлабочување на постојната меѓуармиска соработка и зајакнување со нови форми, особено во период на течење на процесите нашето пристапување во НАТО кој е особено значаен за нас. Притоа генерал Месинџер искажа целосна поддршка и потребна советодавна помош во престојаниот период.
Претходно на генералот Ѓурчиновски од страна на високи воени раководители му беа презентирани тековните процеси на реформите во одраната на Обединетото Кралство. Делегацијата оствари средба и со Амбасадорот на нашата држава во Велика Британија, г-ѓа Александра Миовска, а го посети и Кралскиот колеџ на одбранбени студии во Лондон.
За време на престојот во Обединетото Кралство, армиската делегација ќе ги посети и Кралската Воена Академија Сандхурст во Камберли каде ќе се разговара за досегашната и понатамошна воена обука и едукацијата на припадници од нашата армија на оваа и останатите воено образовни институции. Делегацијата ќе ја посети и воената болница за воени ветерани во Челзи.
Високото ниво на стратегиската соработка помеѓу двете армии во досегашниот период е со забележителни резултати, при што до сега покрај обучувањето на подофицери и офицери на нашата армија во Обединетото Кралство, забележително е заедничкото учество на воената вежба на АП Криволак во 2007 година и логистичката помош за време на нашето учество во мисијата ИСАФ во Авганистан со што ни се даде единствена можност да се претставиме како сигурен и доверлив партнер.
Како дел од планираната соработка во понатамошниот период се изведување заедничка обука во извидување, обука за возачи во теренски услови, како и учество на вежбата Cambrian Patrol 2019, на која вредно за напоменување е успехот на нашите претставници кои минатата година го освоија второто место од вкупно 138 армиски екипи.