Денес, 29 ноември, Командантот на СЕЕБРИГ, бригаден генерал Хакан Есер, оствари средба со Началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески и со Министерот за Одбрана на Република Македонија господин Талат Џафери.
Бригадниот генерал Хака Есер, во период од 27-ми до 30-ти ноември ја предводи делегацијата од СЕЕБРИГ која ќе изврши евалуација на нашите единици декларирани во оваа бригада.
Во текот на посетата делегацијата оствари посета и на командантот на ЗОК, генерал – мајор Методија Величковски и изврши евалуација на декларираната механизирана пешадиска чета од составот на 1. механизиран пешадиски баталјон од 1 механизирана пешадиска бригада. Во текот на денешниот ден делегацијата ќе продолжи со својата активност при што ќе изврши евалуациска посета и на декларираниот инженериски вод од составот на инженерискиот баталјон во касарната Илинден во Скопје.
Бригадата на Југоисточна Европа, СЕЕБРИГ (South-Eastern Europe Brigade) е формирана во 1999 година, како резултат на договорот за регионална соработка на полето на одбраната познат како договор за Мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа (ММСЈИЕ), кој во 1998 година го потпишаа Министрите за Одбрана на: Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Македонија, Романија и Турција во Скопје. Според Договорот за формирање на бригадата, локацијата на Командата на СЕЕБРИГ е на четиригодишна ротациона основа, а нејзини домаќини се следниве градови: Пловдив, Констанца, Истанбул (до јуни 2011) и Лариса од јуни 2011-2015.
Единиците кои се назначени во Бригадата остануваат на своите постојани домашни базични локации и се обврзани со принципот на наменски сили за вежби и операции по одлука на земјите учеснички и соодветната директива од Политичко-воениот управен комитет (ПВУК).
Позицијата Командант на СЕЕБРИГ ротира помеѓу земјите учеснички на двегодишен период. Во период од 2011-2013 година Командант на Бригадата беше бригадниот генерал Здравко Поповски од Република Македонија.
Според оценките од последната контрола извршена во април 2012, кај декларираните сили од Македонија не постојат никакви недостатоци и тие се подготвени за упатување во мисија.