Началникот на Генералштабот (ГШ) на Вооружените сили (ВС) на Унгарија, генерал-потполковник Ромулус Русин – Сенди, кој се наоѓа во дводневна официјална посета на Армијата на Република Северна Македонија, денес престојуваше во генералштабот на Армијата и министерството за одбрана.
Генералот Сенди по пречекот со воени почести од страна на Началникот на ГШ на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, оствари средби со својот домаќин и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
На средбата генералите Ѓурчиновски и Сенди разговараа за можностите за унапредување на меѓусебната воена соработка, како и размена на стекнатите искуства како една од објективите на НАТО воениот сојуз.
Министерката Шекеринска и генералот Сенди се согласија дека Северна Македонија и Унгарија како НАТО сојузници се особено посветени на стабилноста на регионот, а доказ за тоа е соработката во мисијата КФОР во Косово. Шекеринска го честиташе неодамнешното поставување на унгарскиот генерал Ференц Кајари за командант на мисијата КФОР во Косово.
На официјалниот состанок во генералштабот од страна на надлежните старешини пред унгарската воена делегација се презентираа активностите кои се спроведуваат во процесот на трансформација на Армијата на Република Северна Македонија, нашиот придонес во мировните операции и искуствата од ангажманот во сеуште актуелната мигрантска криза, како и капацитетите и вежбовните активности кои се реализираат на армискиот полигон Криволак.
Од страна на генералот Ѓурчиновски по искажаната благодарност за досегашната соработка и континуираната поддршка од страна на ВС на Унгарија се изрази подготвеност за понатамошно изнаоѓање на нови облици на воената соработка, пред се во заедничкото учество на вежбовните активности кои се планирани за изведување на АП Криволак, како и заедничко учество во мировните операции.
Генералот Сенди во текот на разговорите ја истакна подготвеноста за споделување на искуствата на Унгарските ВС во оценувања според концептот на НАТО како и поддршка во менторирање на обуката во контекст на претстојните оценувања на нашите единици.
Во текот денот генералот Сенди ќе биде примен и од Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, по што во касарната Илинден ќе го обиколи баталјонот за специјални сили каде ќе му биде презентирана дел од обуката на припадниците од оваа единица.
Министерствата за одбрана на Република Северна Македонија и Република Унгарија имаат потпишано договор за соработка во 2002 година, од кога во воено-образовните институции на Република Унгарија се школувале голем број на припадници на Армијата на Република Северна Македонија. Како сојузници во НАТО се отвораат нови можности за интензивирање на соработката со Вооружените сили на Република Унгарија особено во изведување на заеднички вежбовни активности и воената едукација.