Припадниците на баталјонот за врски (бв) со воена свеченост, денес, во касарната „Илинден“, со воена свеченост го одбележаа „21-ви Октомври“ – Денот на единицата.
На свеченоста присуствуваа командантот на Командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини, претставници од генералштабот на Армијата, Командата за операции, останатите команди и единци во Армијата, како и поранешни команданти на полкот и баталјонот за врски. Одбележувањето се одвиваше согласно протоколите и мерките за заштита од ширење на вирусот „COVID-19“.
Во своето обраќање, командантот на баталјонот за врски, потполковник Илија Дамчевски се осврна на традицијата на баталјонот кој е наследник на трансформираниот полк за врски, нагласувајќи го значењето на единицата во обезбедување на комуникациско информациска поддршка на командите и единиците во Армијата како и учеството на баталјонот во поддршка на државните институции во справување со Ковид кризата и елементарните непогоди.
Командантот на Командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини, истакна дека баталјонот за врски е извонредно важен дел од Командата за операции и како единица од родот врски баталјонот има исклучително значајно место и улога во градењето на капацитетите и способностите на Армијата.
Во рамките на одбележувањето на Денот на единицата, беа реализирани повеќе активности меѓу кои крводарителна акција во соработка со Градската општа болница „8-ми Септември“ во Скопје, хуманитарна акција со донација на прехранбени продукти и средства за хигиена на социјално загрозени семејства, во соработка со општина Сопиште, акција за пошумување во реонот на с. Будинарци, во соработка со општина Берово, како и спортски натпревари во мал фудбал, кошарка, пинг понг и шах.
По повод Денот на единицата беа доделени стимулативни мерки од началникот на Генералштабот на Армијата, командантот на командата за операции и командантот на баталјонот за врски.
Денот на единицата е поврзан со историското минато од периодот на народноослободителната антифашистичка борба. Имено, на 21 октомври 1943 година, на тогаш слободната територија во Дебарца, формирано е Поверенството за врски при Главниот штаб на единиците на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија, како прв формациски состав одговорен за воспоставување и одржување на врски за Главниот штаб. Денес, баталјонот за врски е одговорен за воспоставување и одржување на врски за стратегиската и оперативната команда на Армијата.
ДД/ЧС