На ден 26.03.2015 година во Здруженaта Оперативна Команда (ЗОК) се оствари средба помеѓу асоцијацијата на воени аташеа акредитирани во Република Македонија претставена од резидентни и нерезидентни воени аташеа од 11 земји и клучниот персонал од ЗОК.
Посетата е редовна активност која се реализира на годишно ниво врз основа на Програмата за соработка на Министерството за одбрана на Република Македонија со асоцијацијата на воени аташеа во Република Македонија.
Од страна на командантот на ЗОК, заменикот на командантот, началникот на штаб и останатиот клучен персонал, воените аташеа имаа прилика преку презентација да се запознаат со структурата, мисијата и задачите, процесот на трансформација, идните предизвици но и за останати прашања за кои гостите искажаа интерес, а кои се во надлежност на ЗОК.
По завршената презентација припадниците на ЗОК и претставниците на асоцијацијата разменија мислења и искуства, но исто така аташеата имаа можност да се запознаат и со историските традиции на македонското-кресненско востание, кои ги негува и продолжува ЗОК.
Оваа средба претставува одлична можност припадниците на ЗОК да ги разменат своите искуства со претставниците на странски армии, од учества во разни меѓународни воени активности каде АРМ учествува со потполна интероперабилност.